Манастирот „Свети Јован Крстител” попознат како Бигорски манастир, беше претесен да ги прими сите верници кои сакаа, токму тука, во ова древно македонско светилиште, да го дочекаат раѓањето Христово.
Во Бигорски беше и групата Љубојна, која пред присутните, повеќе од илјада верници, одржа мини Бадников концерт со каланди.
На синоќешното бдение игуменот на Бигорскиот манастир, Архимандрит Партениј, со слово се обрати на многубројните присутни, кои беа од сите краишта на Македонија.
Бдението продолжи до 5:00 часот изутрина, а традиционално Архмандрит Партениј најмладите ги израдува со божиќни пакетчиња.
-Храмот беше навистина претесен да ги собере сите оние луѓе кои тука пристигнаа, а меѓу нив најмногубројни беа младите кои жедни за да се напијат од изворот на оваа духовна радост, го примија и благословот кој штедро им Го излеа Богомладенецот Христос, велат од Бигорскот манастир.
Во пресртет на Христовото раѓање беше промовирана и првата книга со беседи на Архимандрит Партениј „Бог се јави во тело, воскресна во слава”, со што всушност е означен почетокот на одбележувањето на 1000-годишнината од постоењето на манастирот.
Инаку, на голема радост на верниците, здружението „Бадникови Поворки”, вчера објави видео запис од Божиќната каланда „Христос се роди денес” во соработка со Бигорскиот манастир и со благослов на Архимандрит Партениј.
Во Дебар, по вторпат вчера имаше бадникова поворка со педесеттина деца од градот и неколку села од Река, Општина Маврово и Ростуше, традиција обновена минатата година благодарение на сестрите од манастирот „Георгиј Победоносец”.