– Претставници на Националната спортска федерација на глуви во земјава денеска оценија дека постојат нерегуларности во донесеното решение за промена на претседател на федерацијата, кој, како што велат, е сменет со делегати од 2009 година на кои мандатот им истекол во 2013 година.
– Дојдовме да го искажеме револтот пред Централен регистар односно на службеникот кој направил превид, донесено е решение за промена на претседател на Националната спортска федерација кој што е сменет со делегати од 2009 година, а на делегатите од 2009 година мандатот им трае до 2013 година. Без никаква информација, без никакво писмено известување, без никаков документ ги доставуваат до Централен регистар и се носи решение со кое е променет претседателот, изјави денеска пред Централниот регистар Димитар Вашевски, толкувач на знаковен јазик во Националната спортска федерација на глуви.
Тој смета дека не може да се донесе такво решение, бидејќи пред извесно време се обратиле до Централен регистар и кажале дека имаат сознание за некое вонредно собрание со нелегитимни делегати, но тие и покрај тоа донеле одлука за која федерацијата не е информирана. Одлуката била донесена на 18 декември, а тие до денес не се информирани дека е направена некаква промена.
Вашевски бара сегашниот претседател за кој, истакнува дека не знаат ниту кој е ниту како е дојден, да каже со кои документи е назначен за претседател.
Досегашниот претседател на Националната спортска федерација Тихо Русковски истакна дека го промениле без никаква информација, за многу кус период.
– На 6 декември е поднесено, на 18 веќе имаат решение… Не ми е јасно зошто и како е дојден, немало никакво примопредавање, нема документи, ниту потпишување, буквално ништо. Не сум информиран ни писмено ни да учествувам на тоа собрание кое го одржале. Не знам кој да ни помогне, оставени сме сами на себе, смета Русовски.
Поранешниот претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица во земјава Васко Марков вели дека истата ситуација се случила и лани кога него го смениле наеднаш, без да го информираат.
– За неполн еден ден ги донесуваат тие решенија, за четири саати. Не ги гледаат документите, ниту ги читаат. Ова е некоја голема игра и се е поврзано, не ми е се уште јасно. Не е фер, ние глувите сме дискриминирани, ова е сепак демократија и сите сме еднавки. Многу писма се пратени во Министерството за труд и социјална политика. Здружението на глуви и наглуви „Тишина” од Карпош има околу 50 активни членови за кои Министерството не се грижи, не ги зима во предвид, целиот проблем е во Централен регистар кој прима се и сешто, секакви решенија. Пријавено е и во Американската амбасада, во ЕУ инфо центарот, никој не ни помага никогаш. Оставени сме едноставно на улица, тешка е ситуацијата, изјави Марков.