По двете писма упатени на претседателот на Судскиот совет во врска со пензионирањето на поротничката во случајот ТНТ, адвокатот Јовица Страшевски, бранител на поранешниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски во овој процес, денеска испрати отворено писмо до Претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев. Писмото следува како реакција на Судот во кој се бара од институциите да се испита дали адвокатите во ТНТ се закануваат и вршат притисок на судиите.
Во продолжение е интегрален текст од писмото.
15 клучни прашања да се дознае вистината за ТНТ?
Почитуван г-дин Џолев,
Во врска со соопштението на Основниот кривичен суд Скопје објавено на 31.01.2020 година со кое ја информирате јавноста дека почнувајќи од 13.01.2020 година судот одлучил секој ден да има рочиште за предметот ТНТ, а и во врска со соопштението на Основниот кривичен суд од 08.01.2020 година Ви се обраќам :
Писмата кои се испратени до судот и до судијата поротник не се никакви закани нити притисоци само се укажувања согласно важечките Закони во Македонија и истите се со една единствена цел за доследно почитување и владеење на правото.
Почитуван колега Иван Џолев Ви се обраќам и Ве замолувам на јавноста да и ги одговорите следниве прашања:
- Врз база на која методологија, критериуми и меѓународна судска пракса утврдивте дека до 27.1.2020 година мора да заврши предметот ТНТ а притоа повикувајќи се на ефикасност на постапката, судење во разумен рок како и почитување на правата на обвинетите и оштетените?
- Зошто предметот ТНТ доби предност пред сите останати предмети кои се водат пред Основниот кривичен суд па мораше да се одлагаат сите закажани судски рочишта во месец декември 2019 година, а истото го планирате и за месец јануари 2020 година?
- Врз база на што утврдивте дека овој предмет има исклучителен јавен интерес па од Судскиот совет спротивно на закон побаравте продолжување на мандатот на двете судии – поротнички.
- Дали јавниот интерес за Вас е осудување на поранешни функционери и исплата на штета од 50 милиони евра на Претседател на партија која е дел од владечката коалиција?
- Како утврдивте дека евентуалната штета што е предмет на овој кривично правен предмет и при евентуална пресуда треба да се исплати од Буџетот на државата на оштетениот Фиат Цановски во висина од 50 милиони евра е највисок приоритет во македонското судство?
- Зошто предметот ТНТ има поголема важност и приоритет од предметите каконМонструм, Талир1, Тендери, Топлик и други предмети каде членови на судечки совет се судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани?
- Дали вистината за убиството на децата кај Смилковското езеро е помал приоритет од штетата што се очекува да се исплати на Фиат Цановски пред парламентарните избори?
- Кој ќе сноси одговорност што предметите Монструм, Талир 1, Тендери, Топлик и останатите ќе почнат да се судат од почеток бидејќи при почеток на овие рочишта двете поротнички имале наполнето 60 години, што е услов за престанок на нивниот мандат т.е не смееле да бидат именувани?
- Како сте утврдиле од 100 тина именувани поротници баш овие две да бидат дел од предметите каде има огромен медиумски интерес?
- Зошто и на чие барање поротничката Лилјана Ивановска – Кочковска на која веќе и е истечен мандатот ја втурнувате во правење на кривично дело лажно преставување од член 391 од КЗ.
- По кој закон и член инсистирате Судскиот совет да констатира престанок на мандатот за поранешниот поротник Лилјана Ивановска – Кочковска на која веќе и е истечен мандатот, кога таквa изричита одредба дека Судскиот совет треба да констатира дека е истечен мандатот не постои во ниту еден закон.
- Дали со продолжување на судењето со поротничката на која веќе и е истечен мандатот се изложувате на кривична одговорност и тоа злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 2 в.в со став 1 како и за поттикнување за сторување на кривично дело, лажно преставување од член 391 кое би било сторено од лицето Лилјана Ивановска – Кочковска т.е за сторено кривично дело од член 391 во в.в со член 23 од Кривичниот законик.
- Дали сте свесни дека со ваквото постапување а имајќи го во предвид Законот за кривична постапка однапред се знае дека доколку биде донесена одлука од судечкиот совет во кои учествува лице на кои му е истечен мандатот и лажно се преставува како судија – поротник согласно член 415 ст.1 т.е 1 од ЗКП ќе биде донесена пресуда која неминовно ќе биде укината од страна на Апелациониот суд за што има веќе воспоставена судска пракса.
- Сакам целата македонска Јавност да биде запознаена дека конкретно за случајот ТНТ има над 15 рочишта кои се одложени поради отсуство од приватни причини на судиите , како и отсуство на судија поротник , како и дека најмалку 5 рочишта се одложени по барање на јавниот обвинител поради проблемите кои настанаа во СЈО,и по сите овие одложувања на рочиштата акцент се става дека одбраната сака да прави опструкции за одолговлекување на постапката, а за волја на вистината нити предметот застарува нити има потреба од брзање во постапката ниту пак потреба од незаконско постапување ,спротивно на закон на кое се инсистира од страна на судот.
- Почитуван колега Џолев ( мој колега од факултет)случајот ТНТ доби голема медиумска популарност од тие причини а заради дознавање на вистината на нашите спротивставени ставови ве повикувам на отворен ТВ дуел на која ТВ сакате кои новинари вие сакате да ги повикате најдоцна до 13.01.2020 година, со законите во раце да дебатираме и целата македонска јавност да ја дознае вистината и конечно да завладее правото во Македонија.