Започна со работа Националниот портал за електронски услуги,

Неодамна започна со работа Националниот портал за електронски услуги, достапен на Uslugi.gov.mk, кој има за цел на граѓаните да им овозможи брз и лесен пристап до информации за јавните услуги од надлежните органи и државни субјекти. Порталот е воспоставен и управуван од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА).

Како функционира Uslugi.gov.mk?

Националниот портал за е-услуги е електронска платформа преку која можат да се добијат информации за јавните административни услуги од сите институции во државата и директно да се користат јавни административни услуги кои се достапни како е-услуги.

Порталот се состои од јавен и приватен дел. Во јавниот дел, кој е достапен за сите, можат да се најдат детални информации за тоа како да се заврши било која административна услуга од било која институција, вклучувајќи ги надлежните органи за услугата, потребните обрасци, поднесоци, услови, докази, рокови, информациите за плаќање, законската регулатива, итн.

Во приватниот дел, пак, кој е достапен само за регистрирани и идентификувани корисници, можат да се поднесуваат барања за добивање на одредена е-услуга, да се платат надоместоци и административни такси, да се следи статусот на постапката, и да се преземат други чекори кои овозможуваат завршување на одредена административна услуга директно онлајн, од комфорот на домот.

Услугите можат да се пребаруваат според категорија и поткатегорија, животен настан, надлежен орган, со користење на алатка за пребарување, или пак според азбучен редослед. Сите услуги кои се достапни за завршување како е-услуги се означени со специјален „е” знак и можат да се најдат директно на овој линк.

Треба да знаете
Последни објави