Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, наскоро ќе седнат на обвинителна клупа, бидејќи судот позитивно го оцени обвинителниот акт за организаторите на „27 април“ и го одобри во целост.
-Заради интерес на медиумите, ја информираме јавноста дека советот за оценка на обвинителен акт надлежен да постапува по обвинителниот акт КО бр 21/19 поврзан со настаните од 27 април 2017 – та година во Собранието на РМ, по одржана јавна седница како и ценење на фактите и доказите во истиот, донесе решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост. По веќе оценетиот обвинителен акт, формиран е кривично – правен предмет кој согласно АКМИС – системот ќе биде распределен кај судија на понатамошно постапување за што странките и јавноста ќе бидат дополнително информирани, соопштија од Основен кривичен суд Скопје.
Според обвинителството, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, обвинетите подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.