Уапсен шведски политичар под сомнение за шверц на мигранти

Шведскиот политичар роден во Сирија, Рашад Аласаад, кој ја претставуваше владејачката Социјалдемократска партија во градот Јунгби во округот Кроноберг во Шведска, е уапсен под сомнение дека шверцувал мигранти, пренесува весникот „Експресен“.

Во средата околу десет полицајци во цивил влегле во домот на Аласаад и го уапсиле, објави весникот „Експресен“.

„Лицето е приведено на испрашување. Сомнежот е трговија со луѓе“, изјави портпаролот на полицијата, Ева-Гун Вестфорд.

„Тарифата“ за шверц на Аласаад се движела меѓу 2 000 и 3 000 американски долари. Тој исто така признал дека парите се главната причина зад неговата шема, чиј обем кој допрва треба да се утврди.

Претходно, „Експресен“ откри дека Аласаад, кој влегол во локалниот совет по изборите во 2018 година, се понудил да шверцува луѓе во Шведска во замена за пари. На средба со репортер на „Експресен“ во грчкиот пристанишен град Ханија, на островот Крит, која била снимена со скриена камера, тој се пошегувал дека веќе шверцувал голем број луѓе. По добиените сознанија, граничната полиција почнала прелиминарна истрага за трговија со луѓе.

Кога се соочил со доказите, Аласаад признал за „ценовникот“ за шверц според кој наплаќал 20 000 шведски круни (2 120 долари) за дете и 30 000 круни (3 180 долари) за возрасен. Според „Експресен“, Аласаад објавувал реклами на Фејсбук под лажно име, нудејќи криумчарење на мигранти од Грција во Шведска со помош на позајмени пасоши.

„Само тие што се во Грција. На продажба се сириски пасоши со шведски дозволи за престој. Само за оние кои изгледаат како носители на пасоши“, напишал тој на Фејсбук.

Аласаад рече дека и самиот дошол во Шведска користејќи ја рутата на шверцерите од Истанбул на крајот на 2013 година, а потоа признал дека им помогнал на многу мигранти да стигнат во Шведска, без да го прецизира нивниот број.

„Да, јас го извлеков целото мое семејство. Извлеков многу луѓе. Воопшто не е тешко. Ќе ви кажам и зошто го правам тоа. Да бидам искрен, главната причина е парите. Сакам пари“, вели Аласаад.

Во пролетта 2018 година, кога Аласаад се најде на гласачкото ливче на социјалдемократите, локалниот претседател на партијата Магнус Карлсон, го опишала како „добра мешавина на млади луѓе од други култури“. По откривањето, тој се повлече од функцијата. Аласаад претходно работел во повеќе владини агенции, вклучувајќи ги Заводот за социјално осигурување, Шведската даночна агенција и Државниот пензиски фонд.

Треба да знаете
Последни објави