Рохани го повика Џонсон да не го следи курсот на САД на Блискиот Исток

Иранскиот претседател Хасан Рохани во телефонски разговор со британскиот премиер Борис Џонсон го повика Лондон да не го следи курсот на САД и да го  смени својот став во однос на смртта на генералот Касем Сулејмани, кој беше убиен во американски ракетен напад во Багдад, пренесе Тасс, повикувајќи се на соопштение на иранското претседателство.
Рохани ги повика британските власти да не заборават дека Сулејмани заедно со нив се бореше со тероризмот на Блискиот Исток.
„Ако не беа напорите на генерал Сулејмани вие немаше да бидете безбедни во Лондон”, подвлече тој.
Претходно, на 5 јануари, британскиот премиер за убиениот Сулејмани, командант на специјалните единици „Кудс” на Иранската исламска револуционерна гарда, и одговорен за координацијата на иранската мрежа од воени формации во регионот, кажа дека бил „агресивен” и „дестабилизирачки” фактор во регионот. Освен тоа, според Џонсон, генералот имал „водечка улога во активностите кои довеле до смртта на илјадници невини и војници” на западните земји, вклучувајќи и Британци.

Ситуацијата на Блискиот Исток драстично се заостри откако американската Амбасада во Багдад едвај се спаси од упад на незадоволните демонстранти. САД сметаат дека тие биле поттикнати од иранските елементи во земјата. Во одговор на тоа подоцна, откако добиле информации дека генералот подготвува голем напад врз САД, го убија Сулејмани во ракетен напад во близина на аеродромот во Багдад, заедно со еден од командантите на шиитска милиција во Ирак, блиска до Иран. Техеран вети дека ќе се одмазди за смртта на генералот и подоцна истрела 16 ракети врз две американски бази во Ирак. Тие, меѓутоа,  не предизвикаа сериозни штети или жртви, по што американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тоа може да се толкува дека Иран ќе отстапат од натамошна конфронтација.

Треба да знаете
Последни објави