Иран: Шпекулациите дека авионот е соборен со ракета се нелогични

Шефот на иранската Организација за цивилна авијација, Али Абеџадех, ги демантираше, како што кажа, нелогичните шпекулации дека украинскиот патнички авион е соборен со ракета.

„Од научно гледиште, не е можно ракета да го погодила авионот, па затоа таквите шпекулации се неточни“, рекол Абеџадех, пренесува „Ројтерс“.

По објавите на американскиот неделник „Њузвик“, и агенциите „Асошиејтед прес“ и „Ројтерс“, повикувајќи се на неименувани американски официјални лица, објавија дека иранска противвоздушна ракета случајно го соборила авионот кој се урна во вторникот во Техеран, при што загинаа над 170 луѓе.

„Ројтерс“ пренесе изјава од американско официјално лице кое навело дека американските сателити регистрирале испалување на две ракети непосредно пред авионот да се урне, по што следувала експлозија.

„Њузвик“ претходно повикувајќи се на извори од Пентагон, објави дека авионот го погодила руска ракета Тор – М1. Неделникот наведе дека иранските противавионски единици веројатно биле активни по ракетниот напад на американските бази во Ирак, кој следуваше како одговор на убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани по наредба на САД.

Во авионот кој летал кон Киев имало 82 државјани на Иран, 63 Канаѓани, како и државјани на Украина, Шведска, Авганистан, Германија и Велика Британија.

Треба да знаете
Последни објави