„Овој авион е дизајниран од кловнови, чија работа ја надгледуваат мајмуни“, се вели во една од стотиците внатрешни пораки кои вработените во „Боинг“ ги разменувале од 2015 година, а кои во четвртокот во обработена форма ги објави американскиот производител на авиони, демонстрирајќи ја на тој начин својата заложба за транспарентност.
Во декември, „Боинг“ достави неревидирана верзја од тие дописи до Федералната управа за воздухопловство и Конгресот.
Вработените во внатрешната кореспонденција пишувале за измама на регулаторите во врска со проблемот со симулаторпт, а, како што пренесува „Ројтерс“, двајца работници во меѓусебна преписка од април 2017 година изнеле забелешки за моделот „Макс“, посебно на компјутерот за управување на летот на авионот.
Во една од пораките од ноември 2015 година, што се чини дека фрла светло врз методите за лобирање што се користат кога станува збор за барањата на регулаторите, еден вработен во „Боинг“ забележува дека надлежните веројатно ќе бараат упатство за симулаторот со специфичен вид на алармирање во пилотската кабина.
„Треба цврсто да се спротивставиме на тоа и веројатно ќе ни треба поддршка од највисоко ниво кога ќе дојде време за конечни преговори“, додава вработениот.
Друг работник во пораката испратена до колега пишува дека никогаш нема да дозволи неговото семејство да лета со авионот „Макс“.
Моделот „Макс 737“ е приземјен низ целиот свет од март минатата година, по две фатални несреќи во кои загинаа вкупно 346 лица.