Се чини дека еден крадец во САД убаво се најаде откако упадна во ресторан на „Тако бел“, па во недостиг на сила за бегство реши малку да дремне во празниот објект пред да замине.
Тој упаднал во ресторанот во доцните вечерни часови, си направил за вечера и си легнал.
Полицијата во Лоренсвил, во сојузната држава Џорџија, објави фотографии и снимки од надзорните камери на кои се гледа како осомничениот влегува во објектот непосредно по полноќ на 25 декември. По него сè уште се трага.
Тој влегол во објектот така што го скршил прозорецот на шалтерот и како што изгледа, не бил многу загрижен дали некој ќе го забележи.
„Откако влегол внатре, може да се види како ја користи фритезата за да си направи оброк“, соопшти полицијата. После тоа, тој легнал и спиел скоро три часа, по што си заминал.
Сторителот е опишан како Афроамериканец облечен во црни тренирки и црни патики, а од објектот украл и лаптоп и таблет.



