Собраниската Комисија за образование, наука и спорт денеска на седница го усвои во прво читање Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” поднесен од седум пратеници од владејачкото мнозинство.
Предвидува реорганизација на најмладиот државен универзитет кој во Охрид беше основан во 2008 година. Според предлогот, постојните пет факултети поради недостиг од кадар и намален број на студенти ќе се спојат во еден факултет за ИКТ-технологии, а ќе се основаат уште четири нови, со оглед на тоа што за да биде универзитет мора да има најмалку пет единици. Предложено е да се формираат факултети за општествени и хуманистички науки, за студии за животна средина и за применети уметности, како и институт за напредни истражувања за заштита и управување со животната средина и културното наследство.
Пратеникот Рубин Земон образложи дека сегашната состојба на „Св. Апостол Павле” не ги задоволува стандардите за високообразовна институција, затоа што се вработени околу 5 проценти од потребниот кадар и дека на петте факултети од областа на ИКТ има десет професори, а треба да ги има педесетина.
Според него, со предлогот да се основа факултет за применети уметности ќе се реши и проблемот со студентите од згасната Филмска академија и дека покрај од областа на кинематографијата ќе може да се студираат и други уметности и традиционални занаети кои исчезнуваат.
Посочи дека и според извештаи на Државниот просветен инспекторат, Универзитетот не работи според статут и закон што резултира со неквалитетно образование.
-Сега ниту за еден факултет нема доволно кадар, а не пак за пет факултети. Треба што побрзо да обезбедиме законодавни услови за да имаме пофункционален универзитет и поиздржлив на пазарот на трудот, што не изискува многу повеќе финансиски средства од оние што сега ги добива, рече Земон, истакнувајќи дека Охрид заслужува да биде универзитетски град, зашто е центар на писменоста и на Светиклиментовиот универзитет во 9 век.
Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ се согласи дека градот на УНЕСКО заслужува универзитет, но праша зошто да се брза пред распуштање на Парламентот и без јавна расправа со сите засегнати страни и со анализа за потребниот кадар и условите за акредитација.
Додаде дека СДСМ има политика на двојни аршини затоа што, како што рече, сега владејачката партија ги критикувала нив за отворањето факултети и дисперзирани студии, а сега иницира нови.
Претседателката на Комисијата Жаклина Лазревска, која е меѓу предлагачите, рече дека е загрижувачки што Охридскиот универзитет запишува се помалку студенти за ИКТ. Во првата година (2008) имал 250 запишани, а оваа година само 74 во прва година на сите пет факултети.
-За мене е тоа алармантно. Лесно е нешто да се затвори, тешко е да се развива, а инфраструктура веќе има. Затоа сметам дека е потребен овој закон. Го предложивме по скратена постапка, па го повлековме за редовна затоа што сметаме дека треба да имаме најквалитетна верзија на текстот, рече Лазаревска, која одговарајќи и на Ласовска соопшти дека помеѓу двете читања на Предлог-законот ќе има јавна расправа со учество на сите засегнати, пред се вработените и студентите на Универзитетот во Охрид.
Полемика на седницата предизвика втората точка на дневниот ред – Предлог-закон за изменување на законот за учебници за основно и средно образование поднесен од пратениците Енес Ибрахим од Партијата за движење на Турците и Јусуф Хасани од демократската партија на Турците.
Поради долгогодишен проблем со недостиг на учебници за турската етничка заедница, како и за учениците од другите заедници што се помалку од 20 отсто, пратеникот Ибрахим побара измена во член 20 од Законот. Во членот стои дека МОН е должно да ги преведе и објави учебниците за сите ученици што следат настава на мајчин јазик, но поради малите тиражи на овие учебници, издавачите од кои МОН ги откупува, не ги печатат и за овие ученици често нема учебници. Барањето на двајцата пратеници е во членот да се додаде дека не треба да постои ограничување во тиражот на отпечатените учебници. Предлагаат МОН да го субвенционира издавањето на овие учебници затоа што правото на образование на мајчин јазик е и загарантирано со Устав.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ реагираа зошто на седницата нема претставник од МОН за да го слушне проблемот и соопштија дека ќе го поддржат предлогот на пратеникот Ибрахим иако тој, како што напомна Ласовска, е дел од владејачката коалиција што ветувала дека ќе го реши проблемот со учебниците кои недостигаат не само за помалите етникуми, туку и во наставата на македонски јазик.
Пратеникот побара да не се политизира прашањето потсетувајќи дека истиот проблем го актуализирал и во 2015 година. Според него, има напредок затоа што тогаш биле отпечатени околу 40 отсто, а сега 63 отсто од учебниците за учениците што следат настава на турски јазик, чиј број сега е 5 630. Во однос на финансиските импликации, пратеникот од Партијата за движење на Турците додаде дека според нивни пресметки субвенционирањето би било финансиски товар за МОН.
-Но пари има секогаш, само што треба да се одредат приоритетите. Во 2015 се правеа споменици, а деца од турската етника заедница учеа во примитивни услови, рече Ибрахим. Тоа ја разгори дискусијата и предизвика реплики од опозициските пратеници. Весна Дамчевска-Илиевска од ВМРО-ДПМНЕ му рече дека со навраќање на нешто што поминало покажал дека не знае да прими поддршка која од нивна страна била искрена и добронамерна.
Претседателката на Комисијата Лазаревска ја смири полемиката со укажување дека е потребна анализа колку ученици од помалобројните заедници кои учат на мајчин јазик немаат учебници и врз основа на тоа да се издвојат финансии. Смета дека предлогот на Ибрахим е преодно решение и дека е потребно системско, а меѓу начините за надминување на проблемот, според неа, е дигитализација на учебниците по сите предмети во основното и средното образование.