Чулев преку кадри на Груевски се обидува да го реинсталира МВРО – ВМРО, обвини Снежана Калевска Ванчева од СДСМ.
„Министерот за внатрешни работи во преодната влада Наќе Чулев, за прв човек на СВР Скопје го предложи Ристе Ставревски. Јавноста го памети Ристе Ставревски од политичките бомби како со Гордана Јанкуловска разговара за изборни измами во предизборен период, како тогашен нејзин советник во кабинетот“, рече таа.
Според Калевска – Ванчева, Ставревски е инволвиран и во случајот „Титаник“.
„На рочиштата за овој процес меѓу доказите биле и СМС преписки на Ставревски и Јанкуловска од кои се гледа како се подготвувале списоци за предизборни партиски вработувања, но и притисоци кон политички неистомисленици“, рече таа.
Освен што бил советник на Јанкуловска, Калевска – Ванчева, рече дека Ставревски бил сведок на одбраната на Груевски во случајот на СЈО „Тенк“ каде Груевски беше правосилно осуден на затворска казна.
„Човек кој бил десна рака на Јанкуловска, а потоа го бранел криминалот на Груевски, не може да раководи со СВР Скопје – еден од најважните сегменти на МВР. Ваквите предлози уште еднаш потврдуваат дека Наќе Чулев и Христијан Мицкоски се уште се во матрицата на ВМРО-МВРО, матрица на партизирана и злоупотребена полиција. Одземањето на службените возила на обезбедувањето на премиерот покажува дека за Чулев најважни се колите а не безбедноста“, рече таа.