Рабиеи: Трамп рони крокодилски солзи за Иранците

Портпаролот на иранската Влада, Али Рабиеи денеска го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп поради неговите твитови во кои изразува поддршка за Иранците, наведувајќи оти тој „рони крокодилски солзи”.

Рабиеи истакна дека Иранците треба да запомнат дека Трамп го уби генералот Касим Сулејмани и оти американскиот претседател е причина поради која многумина од нив се соочија со економските предизвици.

Трамп напиша повеќе твитови на англиски и на фарси јазик во кои порачува да не се убиваат демонстрантите, изразува загриженост за Иранците и го фали „големиот ирански народ”.

Околу илјада луѓе синоќа во центарот на Техеран бараа оставка од врховниот ирански верски лидер ајатолахот Али Хамнеи и ги кинеа сликите на убиениот ирански генерал Касим Сулејмани.

Во Иран вчера втор ден по ред се одржаа протести во кои демонстрантите ги повикаа верските и државните лидери да се повлечат откако армијата призна дека по грешка го соборила украинскиот патнички авион.

– Не лажат дека Америка ни е непријател, нашиот непријател е овде, извикуваа демонстрантите пред Универзитетот во Техеран.

Протести имаше и во другите ирански градови.

На некои од снимките објавени на Твитер се гледа дека полицијата употребила солзавец.

Иранските државни медиуми објавија за демонстрациите во саботата откако иранската армија се извини поради ненамерното соборување на украинскиот авион при што загинаа 176 патници и членови на екипажот.

Треба да знаете
Последни објави