Собранието денеска ќе ја одржи 130. седница на чиј дневен ред се Предлог-законот за стратегиски инвестиции во Република Северна Македонија, предлог-законите за изменување на законите за евиденциите од областа на трудот, за безбедност и здравје при работа, за забрана и спречување за вршење нерегистрирана дејност, за приватните агенции за вработување, сите по скратена постапка и дополнетиот Предлог-закон за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во трето читање.
Пратениците ќе расправаат и по Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за администрирање на социјалното осигурување, Предлог-законот за задолжување со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за модернизација на земјоделството, како и предлог-законите за изменување и дополнување на законите за матична евиденција, за отпис на камати и репрограмирање долгови и трошоци на физички лица, за отпис на камати и репрограмирање долгови и трошоци на јавни претпријатија, за извршување, сите по скратена постапка.
На дневен ред на седницата се и предлог-законите за субвенциониран студентски оброк, за изменување на законите за заштита на културното наследство, за одбрана, за управување со отпад, по скратена постапка, како и предлог-законите за изменување и дополнување на законите за интероперабилност во железничкиот систем, за железничкиот систем, за жичарници и ски-лифтови, за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, за игрите на среќа и за забавните игри, за финансирање на единиците на локалната самоуправа, за буџетите, за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, за стоковните резерви, за државната статистика, за јавен долг, за регистрирање готовински плаќања, за даночна постапка, за пријавување и евиденција на обврски, за административните такси, за комуналните такси, за придонеси од задолжително социјално осигурување, за даноците на имот, за експропријација, сите во прво читање.