Австралија се очекува да претрпи загуби од 5 милијарди австралиски долари поради пожарите кои продолжуваат да беснеат низ континентот, покажува прогнозата на австралиската банка „Вестпек“.
Природната катастрофа исто така може да намали за 0,2 до 0,5 отсто БДП на земјата, се вели во првичните анализи на банката. Туризмот и земјоделскиот сектор се најтешко погодени, а најтешко погодената област претставува околу еден отсто од економијата.
Откако беше прогласена катастрофа поради пожарот на 8 ноември досега се поднесени околу 10.550 побарувања за осигурување во вкупен износ од 939 милиони австралиски долари. Додека вкупната штета од катастрофи како што е оваа (вклучително и осигурени и неосигурени загуби за кои се бара помош од Владата) е двојно поголема од осигурената загуба, целосното економското влијание е многу неизвесно, велат од банката.
„Оценувањето на економското влијание на катастрофите е секогаш тешко, особено кога целокупниот степен на штета е сè уште непознат“, велат аналитичарите од „Вестпек“.
Тековната криза со пожарите има поголемо влијание од пожарите од Црната сабота во 2009 година во Викторија, еден од најпознатите погубни пожари во австралиската историја, во кои загинаа повеќе од 170 луѓе, уништени беа 2.029 домови и беа опожарени над 400.000 хектари. Само поплавите од Квинсленд од 2010-11 година имаа поголемо влијание, со проценета вкупна штета од 6,4 милијарди австралиски долари.
Во понеделникот S&P Global Ratings рече дека кризата со пожарите нема да го загрози рејтингот ААА на земјата. Агенцијата верува дека локалните власти ќе можат да ги апсорбираат фискалните трошоци, кои се релативно мали во споредба со нивните буџети.