Во повеќе германски покраини полицијата спроведе претреси поради сомненија за „подготовки на тешки насилства кои ја загрозуваат земјата“.
Државното обвинителство во Берлин утрово спроведе претреси во Берлин, Бранденбург, Северна Рајна Вестфалија и Тиринги, а главните акции биле во Берлин и Тиринги. Според пишувањата на дневникот „Билд“, рацијата се спроведува во исламистичка сцена и е насочена против Чеченци.
Обвинителството потврдило дека во Бранденбург, во местото Лудвигсфелд, е уапсено најмалку едно лице, во Берлин најмалку две лица, а во Хаген едно лице.
Уапсените биле долго време следени од страна на надлежните служби, а засега е нејасно дали набавиле вооружување или експлозив. Конкретната цел на планираниот напад се уште не им е позната на истражителите и очекуваат детални информации по анализата на запленетиот материјал.
Чеченските исламистички мрежи веќе долго време важат за многу опасни, бидејќи нивните припадници биле во војна и се обучени за ракување со експлозив.