Денешната аукција на државни хартии од вредност е редовна аукција предвидена и објавена со календарот за аукции. Taa e согласно предвиденото домашно повлекување утврдено со Буџетот за 2020 година, со тоа што мора да се напомене дека бројот на аукции е двојно намален од 2017 година наваму.
Државните хартии од вредност се евтин извор за финансирање на буџетскиот дефицит, но и на стари доспеани обврски. На пример, каматата на 12-месечните обврзници кои се издадоа на денешната аукција изнесува 0,6%, додека на крајот на месецот треба да ја вратиме втората рата од ПБГ-заемот во износ на 155 милиони евра, која е земена во 2013 година со каматна стапка од 3,9% или повеќе од шесткратно повисока. До крајот на годината доспева еврообврзницата од 2015 во износ од 180 милиони евра со камата од 4,9%.
Годинава за отплата имаме надворешен долг од 437,8 милиони евра и отплата по основ на домашен долг во износ од 264,9 милиони евра. Исто така треба да се финансира и буџетскиот дефицит.
Сепак и покрај големиот број на стари обврски кои доспеваат, успеавме да го стабилизираме јавниот долг и сега тој е дури на пониско ниво во однос на 2016 година. Ако во 2016 година тој изнесувал 48,8%, согласно последната состојба, јавниот долг изнесува 47,7% и тоа со вклучен негарантиран долг, кој порано не бил вклалкулиран – што значи дека долгот е понизок за околу 1,5 процентни поени.
За разлика, порано јавниот долг беше брзорастечки, што беше забелешка и од меѓународните финансиски институции. Така од 2008 година од 23% јавниот долг се удвои на 48,8% во 2016 година.
Како успеваме да го стабилизираме јавниот долг? Преку прудентна политика која ги таргетира компонентите кои го креираат долгот: 1.буџетскиот дефицит и 2.сервисирањето на старите долгови.
Буџетскиот дефицит преку постепена консолидација го намалуваме. Така ако порано тој достигнувал и до 4% од БДП, годинава е намален на 2,3%, а догодина ќе биде сведен на 2%, односно е преполовен.
Старите долгови, благодарение на враќањето на довербата на инвеститорите во економијата, се рефинансираат по неколкукратно пониски каматни стапки, споредено со претходниот период.
Во однос на забелешките дека не се процесираат барањата од кабинетот на дополнителната заменик министерка за финансии, сите барања доставени до Кабинетот се процесираат најбрзо можно.