Една седмица по посетата на премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис на Вашингтон и средбата со американскиот претседател Доналд Трамп, официјална Атина е задоволна од исходот, а со позитивна оценка е и амбасадорот на САД во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Посетата била во фокусот на разговорите на денешната средба на шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас со амбасадорот на САД во Атина, Џефри Пајат, според она што самиот Пајат го напиша на Твитер.
– Одлична средба со министерот за надворешни работи Никос Дендиас за разгледување на неговата многу успешна посета на Вашингтон со премиерот на Грција и за утврдување на следните чекори за дополнително унапредување на американско-грчките односи во 2020 година, Пајат на неговиот официјален Твитер профил за средбата со Дендиас.
Пајат, во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, говорејќи за посетата на Мицотакис на САД, позитивно ги коментира и средбите на грчкиот премиер, но и односите меѓу двете земји.
– Направивме фантастичен напредок во американско–грчките одбранбени односи, вклучувајќи ги и првите шест месеци од Владата на премиерот Мицотакис. Постои огромна поддршка во Вашингтон, од Републиканците и од Демократите да продолжиме да го градиме ова. Многу бевме задоволни што од премиерот го слушнавме предлогот за вклучување на Грција во конзорциумот за Ф-35, наведе Пајат за ЕРТ.
На денешниот редовен брифинг со новинарите, заменикот министер под премиерот и владин портпарол Стелиос Пецас, коментирајќи го патувањето во САД рече дека премиерот и владата се целосно задоволни од посетата на грчката делегација на Вашингтон.
– На сите негови средби, Киријакос Мицотакис се осврна на геополитичките предизвици во регионот и истакна дека сме дел од решението, а не од проблемот. Потенцираше дека важниот договор за гасоводот „Ист Мед” (East Med) не е насочен кон никого, туку е проект на мир и развој, во кој секој може да учествува, рече Пецас и додаде дека бил пренесен грчкиот став за „провокативни турски активности во Источниот Медитеран и кипарската ексклузивна економска зона” и ставил до знаење дека Грција нема да толерираме никакво кршење на нејзините суверени права.