Македонската спортска гордост – ракометот ни е паднат на колена. Сакамe ние да го видиме тоа или не, го кажуваат јасно и гласно резултатите кои репрезентацијата ги постигна во групата Б на 14. Европско првенство во конкуренција на Украина, Чешка и Австрија, каде важевме и ја прифативме улогата на фаворит, но искусната македонска репрезентација очебијно незнаше да биде ороводец на „виенскиот бал“.
Наместо фаворит, Македонија е губитник. Призна селекторот Данило Брестовац, го потврди и капитенот, искусниот 40-годиник Кирил Лазаров. Нашиот народ има една убава поговорка која вели, кој признава, половина му се простува или …
Ќе им простат илјадниците љубители на ракометот (!?), но треба стоечки да ги издржат сите удари, а ќе ги има деновиве од сите страни. Без разлика дали ќе бидат добронамерни или во вид на отровни стрели. Од нив ќе треба да се извлече поентата и брзо да се кренат на нозе по зададените тешки удари и нокаутот во кој се најде ракометот.
Првиот чекор е направен со јавно упатеното извинување од Лазаров кон илјадниците љубители на спортот кои им направија атмосфера во Виена како да играат дома, а тие целосно потфрлија. Со една минимална победа над Украина во меч со осцилации и два лесно загубени дуели со Чешка и Австрија не заслужија да го минат првиот круг.
Нашата репрезентација е искусна, костурот игра пет континентални собири во континуитет, а меѓунив имаат и настапи на мундијали, а тие што викаме дека се млади Талевски, Кузмановски, Пешевски… се во најубавите играчки години. Подмладување какво се најавуваше, а јавноста очекуваше не е направено. Очебијно е дека е неопходно. Тоа треба да се покаже на паркетот, а не на клупата и на трибините. Свесен е за оваа неуспешна мисија и селекторот Брестовац, па овој процес со него на чело или без него, како што рече и самиот под напливот на емоции, мора да почне и да заврши, ако е потребно и еден голем ракометен собир Македонија да го прескокне, но да создаде тим за респект.
За тоа е во право. Не смее селекторот да покажува малодушност и да размислува за напуштање на жешкото столче. Треба да издржа, ако се нафатил на овој процес. А, тоа е работа на долги патеки и со јасни визии. Преку ноќ не бива работа. Со промена на селектори на една-две година до посакуваните резултати нема да се дојде. РФМ треба да има трпение и ако верува дека Брестовац е вистинскиот стартегот кој може да ја направи долго најавуваната и очекувана смена на генерацијата, треба да му се даде зелено светло на тој пат. Брестовац пак треба да има храброст да се фати во костец со предизвикот, а не само да кажува што треба и младите да ги втурнува на контролните мечеви, а кога ќе се запалат светлата на големата сцена да очекува дека „тешкото“ ќе го одиграат досегашните ороводци. Промената во репрезентацијата тропа на големата врата.
Драган Николовски
Фото
Слободан Ѓуриќ