Интегрален текст од изјава за медиуми на Цветан Трипуновски, дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
„Во текот на вчерашниот ден остварив средба со земјоделците од општина Ѓорче Петров, поточно од населените места Волково и Орман, каде што на еден од соговорниците чичко Ванчо ми укажа дека има сериозен проблем со каналот за наводнување кој што покрива површина од околу над 300 хектари и практично значи нивна егзистенција.
Јас им ветив дека во текот на денешниот ден каде што се наоѓаме во моментот ќе направам лично увид во фактичката состојба и она што ми го преточија сакам да го видам од терен.
Она што можеме да го видиме и од снимките кои што ќе ги фатите од кадарот дека ситуацијата е алармантна, а тоа значи дека веќе трета година по ред овие земјоделци кои што одгледуваат житни култури и раноградинарски култури не можат да го обработуваат земјиштето бидејќи каналот е нефункционален и практично водата од реката Лепенец не може да оди низ каналот кој што ќе се користи за наводнување.
Ова е само уште еден доказ дека дополнителниот заменик министер Цветан Трипуновски не зборува невистини и дека манипулира со јавноста. Ова е демант и за министерот Трајан Димковски кој што три години заедно со неговиот директор на АД Водостопанство не излегол на терен за да го стави во функција овој канал кој што значи егзистенција за овие земјоделците во овој регион. Ова е уште еден доказ за манипулацијата која што ја прават актуелните министри од СДСМ и нивната некадарност и немањето желба едноставно да работат во функција на овие луѓе кои што едноставно живеат од оваа гранка.
Јас од тука апелирам ако имаат доблест барем наредните месеци нека ги засукаат ракавите и нека го стават каналот во функција, затоа што доаѓа нова производна година каде што овие ниви ќе останат суви и нема да може да има производство. Меѓутоа очигледно е дека доколку сакале ќе направеле некаква интервенција овие три години.
После 12 април каде што практично ќе си оди оваа ненародна власт од фотелјите на Илинденска број 2, наредната влада која што ќе ја формира ВМРО-ДПМНЕ ќе ги засука ракавите и веднаш овој проблем ќе биде решен.
Исто така сакам да потенцирам дека нефункционалноста на овој канал нема влијание само на земјоделските површини, од она што го видов идејќи наваму видов дека буквално целата вегетација и високите дрва кои што се на потегот на овој канал се исушени, едноставно имаме една загрозена ситуација врз целокупната животна средина односно флората и фауната во овој дел на општина Ѓорче Петров.
Така што сакам да кажам дека нефункционалноста на терен е очигледна и ова е демант на тоа што значи негрижа на институциите во овој регион на општина Ѓорче Петров, поточно во селото Орман каде што се наоѓаме сега.
Интегрален текст од Ванчо – жител на с. Орман
Јас сум Ванчо жител на село Орман, гледајќи ја ситуацијава каква ни е во село Орман, село Никиштани, и село Волково, плус тоа има тука села коишто гравитираат на ова подрачје, Чучер, Бањани, Глуво и село Бразда, и тие имаат тука парцели.
На некаде околу 350 хектари површина земја , којашто е за овие три години напуштена целосно. Нема никакво производство во моментов, никој во последните три години не искочи да најде за сходно да ни помогне, а ние живееме исклучиво од земјоделието.
Овие три години во нашево село и стоката се уништи, растителниот свет е уништен, животинскиот свет е уништен, белите дробови на ова месно население се уништени, што значи нема живот. Ние бараме сега егзистенција државата да ни помогне, не бараме преку леб –порача, туку бараме да ни се помогне да опстанеме во живот, инаку друг излез немаме.
Нам овој канал ни значи живот, живот за народот, живот за растителниот свет, тоа ни е нас најголемиот проблем, и до сега овој проблем е најгорлив и ние бараме колку што може државата да ни помогне, не бараме ништо повеќе.“