На средбата премиерот Спасовски на амбасадорот Баздникин му предаде писмо со честитки до новоизбраниот претседател на Владата на Руската Федерација Михаил Машустин, со желби за успех во извршувањето на должноста и позитивни резултати кои ќе продонесат за натамошен сестран напредок на Руската Федерација и за благосостојба на пријателскиот руски народ.
Претседателот на Владата на Северна Македонија Спасовски, во писмото до премиерот Машустин, како и на средбата со амбасадорот Баздникин изрази уверување дека двете влади ќе продолжат да соработуваат на натамошно унапредување на односите и продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и Русија, во сите области од заемен интерес.
На средбата премиерот Спасовски го запозна амбасадорот на Руската Федерација со приоритетите на Владата на Северна Македонија, при што ги нагласи организацијата и спроведувањето на предвремените избори, како и евро-атлантските и европските интеграции.
Премиерот Спасовски истакна дека преодната Влада на нашата земја ги има сите овластувања да обезбеди континуитет на политиките и процесите од интерес на земјата и граѓаните, меѓу кои свое место има и продлабочување на соработката со Руската Федарација, и дека сите отпочнати процеси на дипломатиите на двете земји, особено проектите од взаемен интерес иницирани од Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу Република Северна Македонија и Руската Федерација ќе продолжат да се реализираат согласно договорените планови и динамика.