По 22 дена, ослободени се петтемина грчки државјани, членови на екипажот на танкерот „Happy Lady” кои беа киднапирани во Камерун, јави дописничката на МИА од Атина. Веста за ослободувањето ја соопшти на „Фејсбук” министерот за поморство Јанис Плакиотакис.
-Го изразувам моето задоволство за ослободувањето на петтемина грчки морнари. Координираните напори донесоа резултат, напиша министерот на Фејсбук и им посака среќен пат на враќање кон Грција.
На 31 декември 2019 врз грчкиот танкерот „Happy Lady” , закотвен на пристаништето во Камерун, беше извршен вооружен напад, беа киднапирани осум членови на екипажот, а еден беше повреден.
Како што тогаш соопштија од Министерството за поморство на Грција, во инцидентот биле киднапирани петмина Грци, двајца Филипинци и еден Украинец.