Целосно сум свесна за товарот и одговорноста што ги преземам, рече Екатерини Сакеларопулу на средба со претседателот на Парламентот, Константинос Тасулас, кој ѝ ги соопшти резултатите од гласањето на пратениците и изборот таа да биде нова шефица на државата.
За време на првата изјава по позитивната одлука на грчките пратеници, Сакеларопулу рече дека како претседател ќе даде сѐ од себе за да ја исполни нејзината уставна обврска, ќе соработува и со Владата и со опозициските партии, ќе се стреми кон најголем можен консензус и истакна дека Грција е фактор на стабилност, развој, култура и демократија во поширокиот регион, јави дописничката на МИА од Атина.
– Се обврзувам дека должноста ќе ја извршувам во рамки на Уставот и во соработка со Парламентот, Владата, партиите од опозицијата, стремејќи се кон најголем можен консензус, гаранција за нормално работење на државата. Нашата земја, современа држава на владеењето на правото и долгогодишен член на Европската унија е фактор на стабилност, развој, култура и демократија во поширокиот регион. Неопходен предуслов за задржување и подобрување на оваа позиција е гарантирање на територијалниот интегритет и нејзините суверени права, истакна Сакеларопулу.
Таа нагласи дека се надева на општество, кое ги почитува правата онака како што се опишани и во грчкиот Устав и во Европската унија и во Европската конвенција за човекови права.
– Општество што се потпира на својата долга демократска традиција, кое ги лекува раните од минатото, се соочува со предизвиците на сегашноста и со оптимизам ја гледа иднината. За оваа иднина, односно за надежта за оваа иднина, го уверувам Парламентот и сите Гркинки и Грци дека ќе дадам сѐ од себе за да ја исполнам мојата уставна улога, рече Сакеларопулу.
Во кусото обраќање, се осврна и на, како што рече „тешките околности на глобално ниво и соодветните предизвици на 21. век”, споменувајќи ги економската криза, климатските промени, масовното движење на населението, хуманитарната криза, отстапките од владеењето на правото и нееднаквостите, истакнувајќи дека справувањето со овие прашања ги надминува границите на државите и потребна е меѓународна соработка.
Говорејќи конкретно за Грција, таа истакна дека приоритетите се постигнување клима на безбедност и доверба, економски развој, запирање на иселувањето на младите во странство и заштита на немоќните.
– Мобилизација и соработка на човечките ресурси, подобрување на образованието и на здравствениот систем, заштитата и истакнувањето на животната и културната средина, искористување на новите технологии и отворање на општеството кон нови идеи и иницијативи се фактори кои ќе помогнат во постигнување на овие цели, рече новоизбраната претседателка на Грција.
Претседателот на грчкиот Парламент, Константинос Тасулас ја посети Сакеларопулу во нејзината канцеларија во Советот на државата за официјално да ѝ ги соопшти и да ѝ ги врачи резултатите од гласањето на пратениците.