Тригодишно момче од Малезија, кое живее во Велика Британија, стана најмладиот член на „Менса“ во историјата на оваа земја.
Мухамед Хариз Наџим беше поканет во оваа организација по состанок со психолог, бидејќи на Бине-Симоновиот тест за интелигенција постигнал коефициент од 142.
„Браво за Мухамед и за добивањето на поканата. Очигледно станува збор за многу бистро дете и ние сме радосни што влезе во ‘Менса’“, рече извршниот директор на таа организација во Британија, Џон Стивенеџ.
За да се стане член на британската „Менса“, потребен е коефициент на интелигенција каков што имаат само два процента од населението, стои на интерент-страницата на оваа организација.
Тестови под надзор обично се прават за деца над 10 и пол години. За деца кои се помали од 10 години, назначен е психолог кој треба да го утврди коефициентот на интелигенција. Тестовите се своевиден од „колаж“ на прашања од областа на математиката, меморијата и логичкото размислување.
Мајката на Хариз, Нур Анира Асикин, која е инженер, живее во англискиот град Дарам и изјавила дека нејзиното семејство знаело оти Мухамед е посебно момче уште пред да влезе во „Менса“.
Иако за него вели дека е „мини мозочна кутија“, неговата мајка сепак истакнува и дека Мухамед ги сака истите работи како сите деца на негова возраст.
„Тој е типично тригодишно дете. Сака да црта и да разлистува сликовници, сè што е поврзано со креирање или уметност. Најмногу обожува да си игра со Лего коцки“, објаснила Асикин.