Нема потреба од паника и воведување посебни мерки во државава во врска со новиот корона вирус, што се појави во кинескиот град Вухан, а заразени се регистрирани и во други земји. Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, која се уште заседава, заклучи дека ќе се изготват дополнителни информативни материјали. Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ќе достави информативни материјали до аеродромот во Скопје наменети за патниците во смисла кои превентивни мерки треба да ги преземат доколку патуваат во Кина, да избегнуваат пазари каде има живи, домашни и диви животни, да избегнуваат блиски контакти со луѓе кои имаат респираторна инфекција и ако имаат знаци на респираторна инфекција да избегнуваат густо населени простори и при кашлање и кивање да користат марамчиња или дел од облеката, изјави попладнево д-р Владимир Микиќ од ИЈЗ.
Посочи дека сè уште нема потреба од некои ригорозни мерки за скрининг на аеродромите, туку многу е поважно луѓето да знаат како да ја избегнат оваа инфекција и што да направат доколку имаат симптоми.
– Првично се сметаше дека новиот корона вирус се пренесува само од животни на луѓе, меѓутоа веќе постојат индиции за ограничени пренесувања од човек на човек. Сè уште се испитува колкаво е значењето на овој начин на пренос затоа што тоа повлекува и други мерки. Тие што ќе се враќаат од Кина ќе добијат информации што да прават доколку развијат симптоми. Ќе има информативни материјали на аеродромот, за да се објаснат постапките што и како треба да направат и каде да се јават ако добијат симптоми, рече д-р Микиќ.
Потенцира дека до денеска според кинеските здравствени служби вкупно се пријавени 440 случаи од кои 120 со потешка клиничка слика, а регистрирани се и девет смртни случаи. Притоа, нагласи, има и импортирани случаи кои патувале во Вухан и такви случаи се регистрирани во Северна Кореја, Тајланд, Јапонија и еден случај од вчера е пријавен и во Америка, а секундарни случаи после нив се уште не се пријавени.
– Само малку земји имаат воведено термален скрининг. Во Европа има само три града кои имаат директна линија со Вухан, меѓутоа ниту еден од нив не прави се уште термален скрининг, бидејќи таа мерка е многу малку ефикасна и доказите велат дека не дава големи резултати. Во моментов сметаме дека нема никаква потреба да се вклучи таа термална камера, бидејќи има и многу други заразни заболувања, сезона е на грип, кои може да дадат слични симптоми, а воедно пациентите може да бидат во фаза на инкубација или под одредена терапија па да немаат висока температура. Од тој аспект нема потреба да се вклучи термалната камера, бидејќи ризикот се уште е многу мал за импортација во Македонија. Европскиот центар за заразни болести го оценува ризикот за импортација во Европа како средно низок, додаде д-р Микиќ.