Иран никогаш нема да развие нуклеарно оружје, со или без нуклеарен договор, изјави денеска иранскиот претседател Хасан Рохани, повикувајќи ги европските држави да не го следат Вашингтон кој го напушти тој договор од 2015 година.
– Никогаш не сакавме нуклеарно оружје. Ние нема ни да се обидеме да го развиеме, со или без нуклеарен договор. Европските сили ќе бидат одговорни за последиците од кршење на тој договор, рече Рохани.
Американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година ја повлече својата земја од нуклеарниот договор што го постигнаа светските сили со Иран. На Техеран му беа воведени ограничувања на нуклеарната програма во 2015 година, во замена за укинување на економските санкции.
Откако Вашингтон се повлече од договорот и ги врати санкциите, Иран почна да ги напушта преземените обврски.
Рохани денеска изјави дека Техеран останува посветен на договорот и може да ги повлече своите последни чекори доколку другите страни ги исполнат своите обврски.
На европските сили им порача да не ги копираат САД во напуштањето на договорот.
Франција, Велика Британија и Германија неодамна го активираа механизмот за решавање спорови според договорот, бидејќи Техеран продолжува да го зголемува своето производство на збогатен ураниум.
Тоа може да доведе до повторно воведување санкции на ОН, укинати со договорот, но три европски држави тврдат дека сакаат тој да се одржи.