– Единствениот функционален аеродром во Либија, меѓународниот аеродром во Триполи, денеска беше цел на ракетен напад и тоа на само еден ден пред средбата на шефовите на дипломатиите од регионот во Алжир, каде треба да разговараат за кризата.
Аеродромот Митига во Триполи беше принуден неколку часа да ги запре сите летови, откако врз него паднаа шест ракети „Град”.
Аеродромот е повеќепати беше напаѓан од почетокот на офанзивата на силите лојални на генералот Калифа Хафтар, кои настојуваат да ја заземат либиската престолнина од силите на Владата на Националната согласност.
Во последните неколку недели светските сили ги интензивираа напорите за изнаоѓање политичко решение на конфликтот, а соседен Алжир утре ќе биде најновата земја домаќин за разгледување на начините како до тоа да се дојде.
Министерството за надворешни работи на Алжир соопшти дека првите дипломати од Тунис, Египет, Судан, Чад, Нигер и Мали ќе се сретнат во Алжир да го придвижат „политичкото решение на кризата преку дијалог меѓу сите страни”.
Алжир, земја која остана неутрална по конфликтот во Либија, со овој свој сосед дели граница долга приближно 1.000 километри. Либија е растресена од насилство откако во 2011 година востаниците, поддржани од НАТО, го соборија од власт Моамер ел Гадафи, кој потоа беше и убиен.
Средбата доаѓа по самитот од минатата недела во Берлин, на кој светските лидери презедоа обврска да ги прекратат сите странски мешања во Либија и да поддржат ембарго за увоз на оружје како дел од поширокиот план за прекин на конфликтот.