Томислав Ќориќ, министерот за животна средина и енергија на Хрватска, која претседава со ЕУ до јули, повика министрите од земјите од западниот Балкан да учествуваат на министерските совети на ЕУ во овие два ресора.
Ќориќ ова го изјави при презентацијата на приоритетите на хрватското претседателство во областа на енергијата, на одговор на прашање на европратеник од Зелените за загадувањето од централите на јаглен во западнобалканскиот регион.
Министерот оцени дека “загадувањето не познава граници” и поради тоа е важно ЕУ поинтензивно да соработува со земјите од регионот.
Според европратеникот Микаел Блос кој го постави прашањето, шестнаесетте централи на јаглен од западниот Балкан загадуваат повеќе од сите 250 централи кои се наоѓаат во Европската Унија.
Хрватскиот министер ја спомена можноста министрите од регионот да бидат вклучени во министерските состаноци на ЕУ, но без повеќе детали околу модалитетите. Во секој случај, според него енергијата и животната средина ќе бараат зајакната соработка на ЕУ западниот Балкан.
Зелениот пакт на ЕУ е главен приоритет на Европската Комисија за наредните пет години, целта е да се постигне климатска неутралност до 2050-та, односно емисиите од штетните гасови да се сведат на нула.