Премиерот на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска прими Делегација на Здружение на судии предводена од претседателот на здружението д-р Џемали Саити. На средбата присуствуваше и министерката за правда Рената Десковска.
Премиерот истакна дека Владата останува посветена на дијалогот со Здружението на судии до постигнувањето на крајната цел – исполнување на нивните барања меѓу кои и зголемувањето на коефициентот на плати на судиите. – Овој процес треба да се води низ дијалог и партнерство. Врз основа на вашиот предлог за зголемување на платите, потребно е да се направи анализа и во Министерството за финансии и да се утврди динамиката на изготвување законско решение за овие барања – им порача Спасовски на судиите.Претседателот на здружението на судии д-р Џемали Саити изрази задоволство од текот на дијалогот со Владата и од инклузивниот процес кој овозможува решавање на прашањата од интерес на судиите и судството.
Претставниците на Здружението истакнаа дека продолжуваат разговорите со Владата и дека е забележан напредок за сите отворени прашања. Разговорите за зголемување на коефициентот на платите продолжуваат и беше потврдено дека за ова прашање веќе е формирана работна група.
Претставниците на Здружението на судии изразија оптимизам и од претходната средба со Министерката за правда Рената Десковска.