Универзитетот ФОН денеска претстави дел од членовите на новиот Универзитетски одбор за доверба (Board of Trustees), кои утре ќе учествуваат на симпозиум што ФОН ќе го организира по повод Меѓународниот ден на образованието востановен од Генералното собрание на Обединетите нации.
Одборот е советодавно тело составен од 31 член, поранешни и сегашни политичари, професори, нобеловци и претставници на светски организации. Тие ќе се занимаваат со прашања поврзани со развојот и афирмацијата на ФОН во земјава и во странство, одржување на квалитетот на високото образование и промовирање на научните и наставните практики на Универзитетот, усогласување на наставните практики со европски и меѓународни стандарди, развој на научно-истражувачките активности, формирање нови факултети…
Сопственикот на ФОН Сефер Цановски истакна дека настанот е историски за нивниот универзитет, дека секоја промена почнува од образованието, а корист од основањето на Одборот за доверба и од достапноста на неговите членови ќе има целата академска заедница, но и државата. Додаде дека со формирањето на Одборот Универзитетот ФОН, кој е основан во 2003 година, прави значаен исчекор во донесувањето поквалитетно образование за своите студенти.
За утрешниот симпозиум посветен на улогата на образованието во зачувување на глобалниот мир и одржливиот развој ФОН го најави учеството на нобеловецот за економија Робеерт Мандел, професорите Вернер Арбер, Вили Семлер, Едвард Нел, поранешниот директор на УНЕСКО Федерико Мајор Сарагоса, фудбалерот и тренер Винченте дел Боск Гонзалез…
ФОН ја соопшти и соработката со „Титаниум Капитал” и со Фондацијата „Џон Брандемас” преку која ќе се обезбеди поддршка на талентирани студенти во регионов. По повод меѓународниот ден на образованието ФОН, исто така, ќе потпише меморандуми за соработка со Арапскиот културен и информативен центар на Арапската лига и со министерствата за образование на Гвинеја и Буркина Фасо.