Името на Жозе Мурињо лесно може да се смета за синоним за скандал.
Пред два дена во англискиот печат се појавија вести дека Специјалниот веќе успеал да влезе во својот прв конфликт во Тотенхем. Тој бил со дефанзивецот Дани Роуз, кој барал објаснување зошто не зел учество во натпреварот против Ватфорд (0-0).
Според Португалецот, 29-годишниот играч имал повреда на грбот, но самиот Роуз тврди дека е целосно здрав. Двајцата размениле реплики на висок тон, но капитенот на Тотенхем, Уго Лорис, негирал дека ова е вистина.
– Атмосферата е одлична. Можам да кажам дека сите играчи се подготвени да се борат за менаџерот и тренерскиот персонал до последно, изјави францускиот репрезентативец.
Сон Хјун-Мин, исто така, негираше дека имало скандал.
– Сите сме среќни. Работата оди добро, рече напаѓачот.
По 24 одиграни кола во Премиер лигата, Тотенхем е на 6-то место со 34 бода. При победата од 2:1 над Норвич, „петлите” ги постигнаа своите први голови во првенството во новата година и ја прекратија својата низа од 4 последователни натпревари без победа.