– Собранието денеска го усвои Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за градење. Од вкупно 65 пратеници, „за” гласаа 48, 17 беа „против”, немаше ниту еден воздржан.
Според предлагачот Министерството за транспорт и врски, со измените и дополнувањата на Законот за градење се врши прецизирање на постапката и потребната документација за добивање на одобрение за градење и за употреба, како и усогласување со Законот за инспекцискиот надзор и Законот за прекршоците.
За пратениците од опозицијата, измените на законот се носат во интерес на некој моќник и ќе доведат до урабнистички хаос. Владејачкото мнозинство смета дека се дава можност да се легализира онаму каде што тоа е дозволиво согласно урбанистичките планови.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Димитар Стеванаџија смета дека со законот ќе се создаде урбанистички хаос и оти измените се носат во интерес на некој бизнисмен и дека министерот за транспорт и врски е притиснат да го брани овој закон, кој, како што рече, е ултра коруптивен.
-Овој закон го нарековме „заштитен моќник”. Ако имате 90 проценти сопственост можете да градите. Можете да градите и на тие 10 проценти. Замислете тие 10 проценти да се предмет на денационализација. Парите ќе заминат како „Фиком”, граѓаните обезглавени. Втора ситуација, што ако тие 10 отсто се дел од археолошко истражување. Што ќе се случи тогаш, праша пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Минисер за транспорт и врски Горан Сугарески му забележа на Стеванаџија дека на говорница изнел неточни тези и оти воопшто нема криминал .
– Дооформувањето на градежна парцела се прави согласно Законот за градежно земјиште, со точно предвидени услови. Дооформувањето на парцела со 10 проценти државно земјиште нема да се прави недогледно. Не е чесно да ги плашите луѓето да не купуваат станови, рече министерот Сугарески.
Пратеничката од СДСМ Кети Смилеска истакна дека тие 10 проценти точно се знае кои се.
-Ако едната катастарска парцела е на инвеститорот, а другата на државата, точно се знае каде се наоѓаат тие 10 проценти. Каде што има пат или предвиден влез, не може да се гради, рече Смилеска.
Пратеникот Антонио Милошоски, исто како, неговиот сопаријец Стеванаџија се сомнева дека овој закон се носи во интерес на некој моќник, кој наскоро ќе биде познат.
-Што ако државата не сака да ги даде тие 10 проценти, што ќе се случи со градбата, праша Милошоски.