– Случаи на заразени лица од новиот коронавирус, од кој досега починаа 17 луѓе во кинескиот град Вухан, пријавени се во Виетнам, Сингапур и Саудиска Арабија.
Виетнамското Министерство за здравство соопшти дека двајца кинески државјани биле позитивни на тестирањето за коронавирус, но тие се наоѓаат во добра здравствена состојба.
Како што се наведува, таткото и синот кои се вчера хоспитализирани бидејќи имале симптоми на грип, пристигнале од кинескиот град Вухан, каде вирусот првпат е идентификуван.
Сингапур, исто така, го потврди првиот случај на коронавирус на своја територија. Според Министерството за здравство на таа земја, станува збор за 66-годишен маж од Кина кој со семејството на 20 јануари допатувал од градот Вухан во Сингапур и моментно се наоѓа во болнички карантин.
Еден од неговите сопатници, исто така, е хоспитализиран, а в болница се наоѓа и една 53-годишна жена, кинеска државјанка од Вухан, која е позитивна на вирусот. Сите тројца пациенти се во стабилна состојба.
Една медицинска сестра од Индија, која работи во болница во Саудиска Арабија, е заразена со коронавирусот, потврди индиското Министерство за надворешни работи. Тестирани се околу 100 индиски медицински сестри, главно од Керала, и засега не се регистрирани други случаи на заразени лица, се наведува во соопштението.