Патниците во авион во Европската Унија (ЕУ) наскоро ќе може да ги користат своите мобилни телефони за време на летовите. Европската комисија одлучи дека авиокомпаниите можат да обезбедат 5G технологија во авионите. Ова значи дека патниците веќе не мора да го ставаат својот мобилен уред на „авионски режим“ иако сè уште не се знаат деталите околу тоа како ова ќе се имплементира.
Според тоа, луѓето ќе може да ги користат сите алатки на своите мобилни телефони за време на лет, односно да вршат повици, а дури и да користат апликации што стримаат видеа и музика.
Авиокомпаниите имаат рок да постават 5G фреквенции во авионите најдоцна до 30 јуни 2023 година.
Европската комисија и претходно правеше обиди да овозможи фреквенција за време на лет, по што некои компании нудеа пристап до интернет во средината на небото. Сепак ваквите услуги се историски бавни бидејќи зависеа од опрема што преку сателит треба да ги поврзе луѓето во авионот со земјата.
Деи Витингем, извршниот директор на Комитетот за безбедност на летови на Обединетото Кралство за „Би-Би-Си“ изјавил дека авионскиот режим имаше историска важност бидејќи сè уште не се знаеше како мобилните уреди може да влијаат на авионите.
„Имаше загриженост дека може да се мешаат во системите за автоматска контрола на летот“, објаснил Витингем.