Родителите на средношколците и професорите се во паника откако редакциите на Радио МОФ и на А1.он објавија дека на месинџер апликацијата Телеграм креирана е група насловена како „Јавна соба“ на која се споделуваат и се коментираат експлицитни фотографии и видеа на малолетни девојчиња од земјава.
Новинарите од двете редакциите успеале да влезат во групата и откриле фрапантни податоци – групата постои околу еден месец, има над 7.400 членови, а зачленување оди преку испраќање приватни пораки, по што автоматски си дел од групата.
Средношколци членови на групата за Радио МОФ сведочат дека дел од сликите кои се објавуваат и се коментираат се преземени од отворени профили и тоа најчесто се малолетни девојчиња, при што се споменуваат со имиња и презимиња или со местото на живеење.
Новинарите на Радио МОФ и самите биле сведоци како во рок од половина час биле споделени десетина видеа и фотографии со експлицитна содржина, на што следувале неколку стотици коментари.
За случајот веќе јавно проговорија повеќе професори и наставници. Двата медиуми кои сами посведочиле за содржините што се споделуваат во оваа група на Телеграм се обратиле до МВР, но засега од таму не добиле одговор.