Човековите активности ја зголемија емисијата на јаглерод диоксид, што ја зголеми температурата. Меѓу можните последици се екстремните временски услови и топењето на поларниот мраз.
Што знаеме за климата на Земјата, која се менува?
Што се климатски промени?
Просечната температура на Земјата е околу 15 Целзиусови степени, но во минатото знаеше да биде многу повисока и многу пониска.
Климата има природни флуктуации, но научниците велат дека температурата сега расте побрзо отколку во повеќето претходни случаи.
Сончевата енергија што се емитува назад во вселената од Земјината површина ја апсорбираат гасови со ефект на стаклена градина и ја реемитуваат во сите правци.
Тоа во исто време ја загрева пониската атмосфера и површината на планетата. Без овој ефект, Земјата би била поладна за околу 30 Целзиусови степени и многу недостапно место за живеење.
Научниците веруваат дека за овој ефект на стаклена градина придонесуваме и ние, со гасовите што ги испуштаат индустријата и земјоделството, со што се задржува повеќе енергија и се зголемува температурата.
Овој феномен е познат како климатски промени или глобално затоплување.
Што се гасови со ефект на стаклена градина?
Гас со ефект на стаклена градина со најголемо влијание врз загревањето е водната пареа. Но, таа останува во атмосферата само неколку дена.
Но, јаглерод диоксидот (СО2) се задржува многу подолго. Ќе бидат потребни стотици години за враќање на прединдустриските нивоа, а природните резервоари како што се океаните можат да апсорбираат само одредена количина.
Повеќето емисии на јаглерод диоксид што ги произведува човекот доаѓаат од согорување на фосилните горива. Кога се сечат шумите што го апсорбираат јаглеродот и се оставаат да изгнијат или се горат, складираниот јаглерод се ослободува и придонесува за глобално затоплување.
Од почетокот на индустриската револуција околу 1750 година, нивоата на јаглерод диоксид се зголемија за повеќе од 30 проценти. Концентрацијата на СО2 во атмосферата е поголема од кога било во последните 800.000 години.
Други гасови со ефект на стаклена градина, како што се метанот и азотниот оксид, исто така се ослободуваат преку човековите активности, но тие се многу помалку од јаглерод диоксидот.
Кои се доказите за загревањето?
Светот е потопол за околу еден Целзиусов степен отколку што беше пред распространетата индустријализација, тврди Светската метеоролошка организација.
Дваесет најтопли забележани години во историјата се случиле во последните 22 години, а од 2015 до 2018 година се четирите најжешки години.
Од 2005 и 2015 година во целата планета просечното ниво на морето се зголемуваше за 3,6 милиметри годишно.
Повеќето од овие промени се случуваат затоа што, како што се загрева, водата го зголемува волуменот.
Сепак, се смета дека топењето на мразот не е главната причина за зголемувањето на нивото на морето.
Повеќето глечери во светските региони со умерена клима се повлекуваат.
Сателитските слики покажуваат драматичен пад на морскиот мраз на Арктикот по 1979 година.
Ледената обвивка на Гренланд доживеа рекордни нивоа на топење во последните неколку години.
Сателитските податоци покажуваат дека западната ледена обвивка на Антарктикот ја губи масата. Една неодамнешна студија покажа дека Источен Антарктик, исто така, веројатно ќе започне да губи на тежина.
Последиците од променливата клима може да се забележат и кај вегетацијата и копнените животни. Меѓу нив сè порано е времето на цветање и зреење на плодовите, и промена на териториите кај животните.
Колку ќе растат температурите во иднина?
Промената на глобалната температура на површината меѓу 1850 година и крајот на 21 век веројатно ќе надмине 1,5 Целзиусов степен, сугерираат повеќето симулации.
Светската метеоролошка организација соопшти дека доколку продолжи сегашниот тренд на затоплување, температурите би можеле да се зголемат за 3 до 5 Целзиусови степени до крајот на овој век.
Порастот на температурата со 2 Целзиусови степени одамна се смета за вовед во опасно затоплување. Научниците и креаторите на политиките од неодамна тврдат дека ограничувањето на порастот на температурите на 1,5 Целзиусов степен е побезбедно.
Извештајот на Меѓувладин панел за климатски промени (IPCC) од 2018 година сугерира дека постигнувањето на целта од 1,5 степен ќе бара „брзи, далекусежни и неприкосновени промени во сите сегменти на општеството”.
Обединетите нации водат политичка иницијатива за стабилизирање на емисијата на гасови со ефект на стаклена градина. Кина испушта повеќе СО2 од која било друга земја. Следуваат САД и државите членки на ЕУ, иако емисиите по глава на жител таму се многу повисоки.
Но, дури и ако сега драматично ги намалиме емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, научниците велат дека тие ефекти ќе продолжат. На големите маси на вода и мраз им требаат стотици години да реагираат на промените во температурата. А потребни се децении јаглерод диоксидот да се исфрли од атмосферата.
Како климатските промени ќе влијаат врз нас?
Постои голема неизвесност во однос на тоа колку променливата клима ќе влијае врз нас.
Може да предизвика недостиг на вода за пиење, драматично да ја смени нашата способност да произведуваме храна и да го зголеми бројот на загинати од поплави, невремиња и топлотни бранови. Ова е затоа што климатските промени се очекува да ја зголемат зачестеноста на екстремните временски настани – иако поврзувањето на секој таков поединечен настан со глобалното затоплување е комплицирано.
Како што се загрева светот, така испарува сè повеќе вода, што доведува до поголема влажност на воздухот. Тоа значи дека многу области ќе доживеат поинтензивни врнежи од дожд – а на некои места и поголеми врнежи од снег.
Но, ризикот од суша во копнените области за време на жешките лета ќе се зголеми. Се очекуваат поголеми поплави од невреме и покачување на нивото на морето. Но, голема е веројатноста дека ќе има многу и силни регионални варијации според овие модели.
Посиромашните земји, кои се помалку опремени да се справат со брзите промени, би можеле да страдаат најмногу.
Се предвидува изумирање на растенија и животни затоа што живеалиштата се менуваат побрзо отколку што видовите можат да се приспособат. Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека здравјето на милиони луѓе би можело да биде загрозено од зачестеноста на маларија, болести што се пренесуваат преку вода и неисхранетост.
Како што сè повеќе CO2 се испушта во атмосферата, количината што ја апсорбира морето се зголемува, со што водата станува повеќе кисела. Ова може да биде огромен проблем за коралните гребени.
Глобалното затоплување ќе доведе до понатамошни промени, кои ќе доведат до понатамошно затоплување. Ова вклучува ослободување големи количини метан како што ќе се топи пермафростот – замрзната земја претежно на повисоките надморски височини.
Нашата реакција на климатските промени ќе биде еден од најголемите предизвици со кои ќе се соочиме во овој век.