Кинеската амбасада во Копенхаген побара од данскиот весник „Јиландс постен“ да се извини за карикатурата на новиот вирус, која сметаат дека е навреда за Кина.
Во карикатурата е прикажано кинеско знаме со симболи кои личат на вирус на местото каде што треба да бидат ѕвездите, а главниот уредник на весникот рече дека немале намера да ја исмеваат Кина.
„Не можеме да се извиниме ако сметаме дека не сме направиле ништо лошо“, рече уредникот, кој истакна дека во прашење се културолошки разлики.
Кинеската амбасада изрази силно негодување и рече дека карикатурата, која се појави во печатено издание на весникот, е навреда за Кина, пренесе АП.
Како што изјавија, со карикатурата авторите и уредниците ја преминале крајната линија на цивилизираното општество и етичките граници на слободниот говор, навредувајќи ја човечката совест.