Екипите на ЈП Комунална хигиена седум пати во неделата, во три смени, го собираат и го транспортираат комуналниот отпад од скопските домаќинства во урбаниот и во руралниот дел на градот, како и од речиси 600 стопански субјекти, со цел хигиената и чистотата на градот Скопје да се издигне на највисокото можно ниво. Во изминатите 12 месеци беа собрани и транспортирани вкупно 153 763 тони комунален отпад. Количеството на собран и транспортиран отпад во 2019 во однос на 2018 година е зголемено за 1118 тони, односно 0,73%. ЈП Комунална хигиена истовремено ја одржува хигиената и на шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини, што подразбира нивно секојдневно метење и миење.
РАСЧИСТУВАЊЕ ДИВИ ДЕПОНИИ
На подрачјето на градот Скопје, во текот на изминатите 12 месеци расчистивме и подигнавме 8721м3 отпад од диви депонии, создадени како резултат на несовесно одлагање на отпадот од страна на поединци и правни субјекти. За споредба, во текот на 2018 година беа расчистени 5144м3, додека во 2017 година само 835м3 отпад од диви депонии.
ВОВЕДЕН Е НАЈСОВРЕМЕН ГПС-СИСТЕМ
ЈП Комунална хигиена-Скопје воведе најсовремен гпс-систем преку којшто се врши надзор на движењето на сите специјални комунални возила за собирање и транспорт на отпадот, како и на моменталната состојба на исполнетост на капацитетот на садовите за отпад. Траекторијата на возилата, нивната моментална локација, брзината на движењето и потрошувачката на гориво се само дел од податоците што раководството на Претпријатието ги има на увид во секој момент, а воедно преку поставените сензори на контејнерите се утврдува колкава е моменталната исполнетост на нивниот капацитет, во согласност со што и се планираат активностите на екипите на Претпријатието.
НАБАВКА НА ОПРЕМА И ВОЗИЛА
Во текот на 2019 година, Претпријатието набави 300 нови контејнери за одлагање комунален отпад со зафатнина од 1,1м3, додека во соработка со Градот Скопје се набавени 540 контејнери со зафатнина од 3,2м3, како и четири нови специјални камиони наменети за празнење на овој вид садови, 10 електрични комунални возила – метларки и 12 специјални метларки за вакуумско чистење. Набавени се и 950 нови корпи за одлагање ситни отпадоци, што беа поставени во сите скопски општини.
ЗАПОЧНА ПИЛОТ-ПРОЕКТОТ ЗА ПРИМАРНА СЕЛЕКЦИЈА НА КОМУНАЛНИОТ ОТПАД ОД ДОМАЌИНСТВАТА
Во декември 2019, ЈП Комунална хигиена-Скопје ја започна реализацијата на пилот-Проектот за примарна селекција на комуналниот отпад од домаќинствата. Со Пилот-проектот ќе бидат опфатени 500 индивидуални домаќинства од населбата Влае, што ќе го селектираат својот комунален отпад на сува и влажна фракција. На овие домаќинства им е поделена по една дополнителна канта наменета за одлагање на сувата фракција на отпадот – пластиката, хартијата, металот, стаклото и сл. Кантата за отпад што граѓаните ја употребувале досега, отсега ќе биде наменета за одлагање на влажната фракција – биоразградливиот отпад, односно остатоците од храна (овошје, зеленчук, месо, коски), лисја, цвеќе итн.
Примарната селекција на отпадот резултира со зголемена ефикасност при собирањето и транспортот односно повисок степен на рециклирање и негова понатамошна реупотреба, но она што е најзначајно е дека придонесува значително да се намали количеството комунален отпад што завршува на депонија. Покрај сувиот дел од комуналниот отпад што веќе се преработува, Претпријатието планира во целост да ја искористи и преработува и влажната фракција, преку поставување погон за компостирање на биоразградлив отпад во Центарот за селекција на отпадот во Вардариште.
СЕЗОНСКИ АКЦИИ ЗА ЧИСТЕЊЕ НА СИТЕ СКОПСКИ ОПШТИНИ
Реализирани се сезонски акции за генерално чистење на сите скопски општини, при што за првпат се изврши рачно и машинско метење и миење на споредните-сервисни улици, со електрични метларки и автоцистерни.
ЈП Комунална хигиена-Скопје во рамките на акциите ги чистеше училишните дворови во сите образовни институции, а беа поставени и специјални контејнери за собирање кабаст отпад, во коишто граѓаните имаа можност да го одложат стариот мебел, како и отпадот од електричната и електронската опрема. Во пресрет на верскиот празник Курбан-Бајрам за прв пат беа поставени садови за собирање на отпад од органско потекло.
ЦЕНТРИ ЗА СЕЛЕКЦИЈА НА ОТПАДОТ
Со своите специјални возила, ЈП Комунална хигиена-Скопје на граѓаните им ја нуди услугата за собирање и транспорт од нивните домови на кабастиот отпад – електронската, електричната опрема и застарениот мебел. Но, она што е особено значајно да се спомене е дека Претпријатието им овозможува на граѓаните без плаќање на паричен надоместок самите да го депонираат овој вид на отпад во нашите Центри за селекција на отпадот во Карпош и во Вардариште.
ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА РАБОТА И ЗАШТИТА НА РАБОТНИЦИТЕ
Вработените коишто го носат главниот терет во извршувањето на активностите на Претпријатието, изложени и на најнеповолните климатски услови – работниците за собирање отпад, работниците што ги метат и мијат скопските улици, вработените во претоварните станици и центрите за селекција се заштитени со најквалитетната лична заштитна опрема.
Перманентно се подобруваат и условите во работните простории, при што во текот на 2019 година во целост беа реновирани одделението за одржување на специјалните комунални возила, одделението за односи со корисници, одделението за одржување на базата на корисници, како и пунктовите во Шуто Оризари, Бутел, Центар и Сарај.
КАМПАЊА ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ
Во 2019 година Претпријатието започна и кампања за подигнување на јавната свест за штетноста од неправилното одлагање на отпадот, што резултира со создавање диви депонии и загадување на животната средина. Видни личности од македонската јавна и политичка сцена упатија пораки за совесно постапување со отпадот и ги информираа граѓаните за можноста бесплатно да го депонираат својот кабаст отпад во центрите за селекција во Карпош и во Вардариште.
ЕКО-ПАТРОЛА
Во 2019 година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше бројни акции и дежурства, во чиишто рамки беа изготвени 2569 информативно-едукативни записници за правилно постапување со отпадот. Вкупно 550 од овие записници биле наменети за граѓани и правни лица што неправилно одложиле приближно 1547 м3 отпад, притоа прекршувајќи го Законот за јавна чистота на РСМ. По врачувањето на записниците, сторителите го отстраниле неправилно одложениот отпад.
ЕДУКАЦИЈА
Од почетокот на 2019 година се реализирани предавања и еко-работилници за правилно постапување, селекција и рециклирање на отпадот за 2640 најмлади сограѓани од 31 основни и средни училишта, како и од 12 градинки. Во текот на 2019-тата година беа организирани и низа еко-манифестации, како и посети на ученици на Центарот за селекција на отпадот во Карпош.
Претпријатието на терен континуирано спроведува и едукативно-информативни разговори со граѓаните, со цел решавање на актуелните проблеми со неправилното одлагање на отпадот.
СОРАБОТКА СО НЕВЛАДИНИОТ СЕКТОР И ОБРАЗОВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ
Преку потпишување Меморандуми за соработка, со цел размена на искуства, знаења, едукација и реализација на иновативни проекти за заштита на животната средина, ЈП Комунална хигиена-Скопје во 2019 година се обврза на меѓусебна соработка, заемна помош и поддршка со Економскиот факултет при УКИМ, универзитетот „Мајка Тереза”, Меѓународниот балкански универзитет, Универзитетот на Југоисточна Европа, Педагошкиот факултет „Св.Климент Охридски” и низа невладини организации, како што се „Ајде Македонија”, „Фор селект”, „Волонтерски центар-Скопје”, „ВСС-Банка за храна” и др.