Град Скопје ги објави добитниците на Конкурсот за финансирање манифестации, проекти и творештво на други корисници и чинители преку кои се остварува локалниот интерес во културата за 2020 година. На конкурсот што беше распишан на 18.09.2019 година за првпат се аплицираше по електронски пат и пристигнаа 490 комплетни апликации, што е најголем број досега.
Пристигнатите апликации беа оценети од шест стручни комисии, составени од претставници на Град Скопје и претставници од културните институции на Градот. Тие водејќи се според критериумите и насоките наведени во објавата на конкурсот, одлучија Град Скопје да поддржи 237 предлог проекти, односно речиси половината од пристигнатите пријави. Од поддржаните предлог проекти по 32 им припаѓаат на проектите кои опфаќаат меѓународна соработка и изведбени уметности; 50 од областа на визуелните уметности и уметност на нови медиуми; 43 проекти од издавачката и библиотечната дејност, 29 од музејската дејност и промоцијата на културното наследство и 51 проекти се поддржани од областа на музичките уметности.
За овој конкурс, градот издвои 16 милиони денари, а просечниот износ на доделни финансиски средства по проект изнесува 67.500 денари. Проектите што ќе се реализираат на јазици на заедниците, Град Скопје ги поддржа со 25% од вкупно предвидените буџетски средства.
Град Скопје и оваа година повторно стави посебен акцент на поддршката на младински и на студентски проекти. Градот Скопје ја продолжува праксата воведена пред две години за објавување на резултатите од Конкурсот со цел поголема транспарентност и отчетност, доставувајќи ја во прилог листата на поддржани проекти.