СДСМ: Чулев сака МВР повторно да го претвори во МВРО-ВМРО

„Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, продолжува да се грижи само за повторна инсталација на ВМРО-ДПМНЕ во МВР, за враќање на старите методи, кога Министерството за внатрешни работи беше претворено во МВРО и ги фаќаше за уши неистомислениците, а полицијата тепаше студенти и апсеше новинари. По скандалозните три телеграми, Наќе Чулев излезе на прес-конференција, на која, наместо да се истакне како професионалец, прочита партиски текст напишан од советниците во сенка“, соопшти СДСМ.

Според партијата, Чулев требало да знае дека беше спроведена втората клучна реформа во МВР со одвојувањето на доскорешната УБК од МВР и формирање на новата Агенција за национална безбедност. Како резултат на тоа за речиси 270 вработени, кои останаа во МВР, во тек е процесот на распоредување.

„Другите решенија се во согласност со потребите на службата и новиот правилник за систематизација на работни места и тие се издадени во законска постапка. Кога зборува за распоредување во пониски звања, Чулев треба да објасни како го оправдува својот потпис на решение за распоредување вработен во Министерството, кој од началник на сектор во УБК, со стаж од 44 години, го распоредува на работно место инспектор за имотни деликти. Или вработен со завршен Природно-математички факултет, од работно место началник на одделение за телекомуникациско истражување, го распоредува на работно место главен инспектор за семејно насилство. Или, пак, вработени со завршено високо образование од областа на шумарството и земјоделството, се распоредуваат во инспектори за семејно насилство и малолтеничка деликвенција.

Дали во случајот со распоредувањата во неговиот кабинет беа почитувани одредбите од Законот за внатрешните работи за распоредување на работник во повисоко звање? Зафатен со партиските прашања, Чулев денеска соопшти дека се трага по идентитетот на администраторите и модераторите на „Јавна соба“, а вчеравечер во полициска станица веќе беа повикани две лица, од кои едното е администратор, а другото креатор на групата.

Со ова Чулев само ја потврдува својата неможност да се оддели од партиските влијанија и да се посвети на својата техничка улога за гарантирање на демократскиот изборен процес и зголемување на довербата во непречено функционирање на системот. Граѓаните не го заборавија времето кога МВР беше претворено во штаб на ВМРО и затоа на 12 април ќе порачаат – режим никогаш повеќе!“, се додава во соопштението.

Треба да знаете
Последни објави