-Здружението „Еден од пет милиони” соопшти денеска дека ќе излезе на претстојните избори за да ги спречи „тројанците” да земат уште еден мандат.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, претставник на тоа здружение Валентина Рековиќ соопшти денес дека опозицијата собрана околу бојкотот на изборите и парламентот ја има уништено таа идеја и затоа решението да се излезе на пролетните избори претставува прекин на соработката со тој дел од опозицијата.
-Ќе ги спречиме измамниците и „тројанците” повторно да не го измамат народот и да ни изедат уште четири години, и така да ја поддржат сегашната власт, рече Рековиќ,
Таа додаде дека Здружението, кое повеќе од една година организира протести во Белград, повеќе нема да учествува и наведе дека отсега опозицијата ќе има можност да ја „брани својата идеја за бојкот” секоја сабота.
Објаснувајќи ја одлуката на здружението да излезе на гласање, Рековиќ рече дека изборните услови во Србија не се подобриле, но дека е потребно да се спречат некои партии да влезат во парламентот само заради државната „инфузија”, како и дека здружението „само се обидува да ја спаси државата, превземајќи ги работите во свои раце.
-Кога опозицијата прогласи бојкот на парламентот, таа само престана да ја посетува таа институцијата и ги задржа придобивките. Кога ќе влеземе во парламентот, ќе спроведеме вистински бојкот” кажа Рековиќ.
Таа истакна дека Здружението има информации според кои некои од партиите потписнички на Договорот со народот, со уште неколку мали движења, работат на тоа да излезат на претстојните избори.
-Добивме и информации дека некои членови на партиите кои се формално во бојкотот, ќе им се придружат во сето тоа, рече таа, додавајќи дека на изборите здружението „1 од 5 милиони” ќе настапи самостојно.
Веднаш по соопштувањето на оваа одлука на „Еден од пет милиони”, еден од членовите на здружението, Срѓан Марковиќ, поднесе оставка од претседателството затоа што не се согласува со одлуката за излез на изборите, истакнувајќи дека тој останува при идејата за бојкот на изборите.
-До последен момент се борев да го спречам ова да не се случи и откако е донесена одлука, јас поднесов оставка во Претседателството на Здружението, заедно со Милош Симовиќ и се повлеков”, изјави Марковиќ.