Европската Унија не го менува својот став во однос на израелско-палестинскиот конфликт и останува обединета во потрагата по заеднички прифатливо решение за двете страни, во согласност со меѓународното право.
Во реакцијата објавена утрово се вели дека ЕУ ќе ги разгледа и ќе даде своја проценка за предлозите на САД, но ќе остане обединета.
-Ова ќе биде направено врз основа на добро етаблираниот став на ЕУ и нејзината силна и обединета заложба за компромисно и одржливо решение за две држави кое ги зема предвид легитимните аспирации и на Палестинците и на Израелците, со почитување на сите релевантни резолуции на Обединетите Нации и сите договорени меѓународни параметри, е ставот на високиот претставник за надворешната политика на ЕУ, Јосеп Борел.
САД вчера го објави својот мировен план за конфликтот помеѓу Палестинците и Израелците, кој палестинската страна целосно го отфрла и де факто оневозможува создавање на одржлива палестинска држава.
Европската Унија не отстапува од ставот дека “единственото реалистично решение” за конфликтот лежи во две држави и ги повика двете страни да се вратат на преговарачката маса.