Македонскиот фудбалски репрезентативец, капитенот на повеќекратниот хрватски првак Динмамо Загрб, Аријан Адеми не беше на раполагање за последните два квалификациски натпревари за пласман на Светското првенство во Катар, поради повреда. Но, како што вели не ги пропуштил решавачките настапи во мундијалската квалификациска група на своите соиграчи. Навивал од дома и е посебно среќен и горд за големиот успех кој успеаја да го направат.
-Навивав од дома, бев пресреќен како заврши натпреварот. Не само што сум среќен туку сум и многу горд. Голема работа е тоа за цела Македонија. Не знам како ќе го објаснам сето ова што ни се случува. Но, кога ќе ја видите репрезентацијата, ќе видите дека во ростерот има многу квалитетни фудбалери кои играат во силните европски клубови. Да, ги имало и претходно, но никогаш немало вакви резултати. Веројатно сега по сите тие години конечно успеа се да „кликне“, изјави Адеми.
Македонските херои ќе имаат тешка задача во баражот, но и досега покажаа дека ништо не е невозможно.
-Нема да може да ни помогнат Елмас и Костадинов, а тие многу ни значат. Ќе биде тешко, но јас сум оптимист. Можеме да се пласираме на Мундијалот во Катар. Очекуваме две тешки средби и не сме фаворит. Мора да играме на гостински терен во полуфиналето, тешко е, но сѐ е можно. Се ндевам дека ќе бидам здрав и подготвен за два одлични натпревари, кажа Адеми.