Одземање пет до 10 бодови во тековното или следното првенство, наместо исфрлање во пониска лига во случај повеќе клубови да имаат ист сопственик, предвидува амандманот на владата што доцна синоќа беше донесен во Парламентот, по реакциите во Грција и предлогот на Комисијата за професионален спорт, фудбалските тимови ПАОК и Ксанти од првата да преминат во втората грчка фудбалска лига, јави дописничката на МИА од Атина.
Доставувањето на амандманот го најави вчера портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите, а денеска, пратениците ќе гласаат, гласање кое по барање на СИРИЗА ќе биде со прозивање на сите пратеници.
Според грчките медиуми, премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис од пратениците на Нова демократија побарал партиска послушност, најавувајќи санкции за оние кои нема да ја следат партиската линија.
Весникот „Катимерини”, во текстот под наслов „Владата во улога на судија”, пишува дека амандманот бил донесен за да се избегне ситуација што би можела да излезе од контрола.
-Стравувајќи дека реакциите во северна Грција може да создадат клима на поделба на Грција на север и југ, владата вчера соопшти доставување на амандман за да не испаднат од првата лига ПАОК и Ксанти, што во суштина е отстапка во ова прашање, пишува весникот.
Комисијата за професионален спорт, вчера предложи фудбалските тимови ПАОК и Ксанти од првата да преминат во втората грчка фудбалска лига, поради кршење на правилата на грчката Супер лига, под обвинение дека имаат заедничка сопственост, односно дека рускиот бизнисмен Иван Савидис е сопственик и на двата клубови.
Пецас вчера рече дека за да се избегнат такви санкции и дека во време кога земјата прави скок напред, надминувајќи ги дилемите од минатото што правеа поделби „нема луксуз да се дели поради фудбалот, особено во толку критични моменти за националните прашања” и додаде дека нема да се дозволи фудбалско прашање „да ја загрози општествената кохезија”.
-Со одлука на премиерот, итно се презема законодавна иницијатива за да не се воведат разорни санкции за прашањата како што се овие за кои даде мислење Комисијата за професионален спорт, рече Пецас.
Поранешниот грчки фудбалер, поранешен член на ПАОК, но и поранешен претседател на солунскиот клуб ПАОК, а до вчера европратеник од Нова демократија, Теодорос Загоракис, откако „се закани” дека доколку се прифати предлогот на Комисијата, тој ќе стане независен пратеник во Европскиот парламент, со одлука на Мицотакис беше избришан од Нова демократија.
-Владата не се уценува. Со одлука на премиерот, европратеникот Теодорос Загоракис е избришан од пратеничката група на Нова демократија во Европскиот парламент, рече портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас.
Загоракис, беше капитен на грчката репрезентација во 2004 година кога земјата го освои Европското првенство, а на европските избори во мај минатата година доби втор мандат од граѓаните да биде еден од Европратениците на Нова демократија.