Со девет убоди од нож на различни делови од телото, 15-годишно момче од Авганистан било префрлено во критична состојба во болницата на грчкиот остров Лезбос, по инцидентот што се случил во текот на ноќта во бегалскиот камп Мориа, објави информативниот портал од островот “Стониси.гр”.
Според истите информации, ова е втор случај за два дена малолетник да биде префрлен во болница со убоди од нож, откако вчера било хоспитализирано друго 15-годишно момче од Авганистан, исто така, со повреди од нож, но без да биде во животна опасност, јави дописничката на МИА од Атина.
Полицијата привела две лица, а за сега нема информации за причините за инцидентите.
Од почетокот на годинава регистрирани се уште три други случаи на инцидент со нож во бегалскиот камп Мориа.