Се подготвуваат нови мрежни правила за пренос на електрична енергија на МЕПСО согласно со новиот Закон за енергетика. Со нив ќе се изврши усогласување со европската регулатива, што пак треба да го подобри квалитетот на електричната енергија што се испорачува преку електропреносниот систем, како и квалитетот на услугите од оваа енергетска компанија кон корисниците.
За предлог мрежните правила – подзаконски акт со којшто подетално се утврдува предвидувањето на потрошувачката на електрична енергија, денеска се одржа јавна расправа. Со него се утврдуваат одговорностите што ги имаат МЕПСО, сите што го користат електропреносниот систем директно како што се големите потрошувачи (Кранфилд Фаундри, Бучим, ОКТА, Макстил, Арчелор Митал, Усје, Југохром-Фероалојс, Скопски Легури, Фени Индустри, Македонски Железници), производители што се приклучени на македонскиот електропреносен систем, како и операторите на електродистрибутивните системи (Електродистрибуција ДОЕЛ Скопје и ЕСМ Енергетика).
Според директорката на МЕПСО, Ева Шуклева, со мрежните правила се предвидуваат и техничките карактеристики и минимумот што треба да го исполнат производителите и корисниците на преносната мрежа за да се приклучат на преносната мрежа, како и начинот на одржување, експлоатација и развој на преносната мрежа.
– Со мрежните правила се обезбедува транспарентност во работата на сите корисници на преносната мрежа, во пазарни услови и одржување на високо ниво на квалитет на техничките услуги за пренос и снабдување со електрична енергија. Со усогласувањето на правилата со европската регулатива се постигнува подобрување на квалитетот на електрична енергија која се испорачува преку електропреносниот систем, како и квалитетот на услугите што АД МЕПСО ги обезбедува на корисниците, рече Шуклева.
Нашата држава има обврска да ги транспонира двете регулативи за приклучување на производители и потрошувачи (Network Codes) кои се дел од обврските што потекнуваат од Договорот за основање на Енергетската заедница.
– Само со доследна реализација на преземените обврски земјава може да го задржи епитетот на шампион во енергетиката. Со мрежните правила, покрај обврските од меѓународните ратификувани договори, се прави ажурирање и допрецизирање на одредбите од постојните мрежни правила за пренос на електрична енергија со цел да се овозможи поедноставна примена на одредбите од правилата од страна на корисниците на преносната мрежа, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
Како што истакна, во однос на финансискиот дел нема никакви промени и оти и досега постоеја мрежни правила за пренос на електрична енергија. – Сега новите мрежни правила се усогласуваат со новиот Закон за енергетика и т.н нетворк кодови одобрени од Европската комисија. Значи, тие што се нови корисници што ќе се приклучуваат на новиот систем ќе си ги плаќаат своите трошоци за приклучок кон МЕПСО, сами ќе се ги изведуваат сите потребни работи што се однесуваат на новниот приклучок. МЕПСО и понатаму ќе има обврска да изготвува планови за равзој на електропреносниот систем како што беше и во минатото и тие планови за развој се основа за определување на новите инвестиции во цената за пренос на електрична енергија. Тоа е вообичаена постапка која функционирала и во минатиот период и ќе нема никакви импликации во однос на цената за пренос на електрична енергија, а со тоа и на цената на крајните потрошувачи, рече Бислимовски.