Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) минатата недела соопшти дека илјадници анонимни закани за бомби биле испратени преку холандскиот интернет-сервис „СтартМејл“. „Роскомнадзор“ го блокираше пристапот до „СтартМејл“ во Русија, но училиштата, судовите и болниците во земјата продолжуваат да добиваат закани, пренесува „Спутник“.
Бидејќи т.н. електронски терористи продолжуваат да дистрибуираат лажни закани за бомби во руски објекти и сега го користат швајцарскиот интернет-сервис „ПротонМејл“, услугата ќе биде блокирана во земјата, соопшти ФСБ.
„Од 24 јануари, анонимни корисници ја користат електронската пошта на швајцарската „ПротонМејл“ за да ги продолжат своите криминални активности. Слични пораки со закани со бомби беа испратени на електронската пошта на судовите во четири федерални субјекти во Русија. Текстовите споменуваат и 830 наводно минирани објекти од социјалната и транспортната инфраструктура. Сите закани беа лажни “, се вели во соопштението на ФСБ.
Според ФСБ, овој интернет-сервис веќе бил користен за дистрибуирање лажни закани со бомби до 123 објекти во Русија минатата година. Пристапот до услугата е блокиран во Русија почнувајќи од денеска.
Од ноември, огромен бран на закани со бомби ги погоди руските институции, вклучително училишта, градинки, трговски центри, како и метро станици, што предизвика масовни евакуации. Досега не се пронајдени експлозивни направи по пораките.