Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, Вила Водно, денеска го посетија граѓани во рамки на активноста „Отворен кабинет“.
Посетителите имаа можност да се сретнат, лично да поразговараат со претседателот Пендаровски и директно од него да се информираат за неговите надлежности, да ги посетат просториите во коишто се реализираат официјалните и работните средби, како и салите за свечености, состаноци, настани и прес-конференции.
Гостите се запознаа и со дел од вработените во кабинетот и беа информирани за историјатот на Вила Водно, за дел од активностите коишто се одвиваат, како и за начинот на функционирање на оваа институција.
„Отворен кабинет“ е активност којашто овозможува директни средби на граѓаните со претседателот Стево Пендаровски. Сите заинтересирани граѓани, институции и организации, со претходно пријавување на официјалната интернет-страница на претседателот имаат можност да остварат директна комуникација со претседателот Пендаровски, да споделат свои идеи, предлози и сугестии, како и да присуствуваат на настани од јавен карактер, коишто ќе бидат реализирани во кабинетот.