Средба Брегу-Вархеји во Брисел

Годинава е клучна за регионот и взаемните односи на Европската унија и Западен Балкан, но и за непречен економски раст, рече генералната секретарка на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу на средбата во Брисел со еврокомесарот за соседство и политика на проширување Оливер Вархеји.

– Советот за регионална соработка останува сигурен партнер на Европската унија во регионот, но и на регионот во ЕУ. Сите ние имаме големи надежи и очекувања во однос на новите, позитивни чекори напред за време на хрватското претседателство со ЕУ и од претстојниот самит во март. Суштината на овој процес е заеднички да се работи на јасно дефинирани програми насочени кон заедничка цел, а тоа е посилна и поцелосна Европа, рече Брегу на состанокот.

Комесарот Вархеји ја истакна важноста на регионалната соработка на Западен Балкан за забрзување на економскиот развој и европските интеграции.

За време на службената посета на Брисел Брегу се сретна и со еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование, млади и спорт Марија Габриел, а заедно со својот тим присуствуваше на редовен состанок на Работната група за регионот на Западен Балкан на кој се разговараше за односите на Европската унија со регионот.

Треба да знаете
Последни објави