Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изрази осуда за некои арапски земји за нивната поддршка за мировниот план за Блискиот Исток, претставен од САД, окфалификувајќи го нивното однесување како „предавство”.
– Некои арапски земји кои поддржуваат ваков план вршат предавство на Ерусалим, како и на сопствениот народ и уште поважно, на целото човештво, изјави Ердоган пред своите сопартијци во Анкара.
Ердоган, кој е категоричен во бранењето на палестинските права, ги истакна Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Јордан.
– Особено Саудиска Арабија, вие молчите. Кога ќе ја прекинете тишината? Ако ги погледнете Аман, Бахреин и Абу Даби, ја гледате истата работа, рече турскиот претседател.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот објави детали за долгоочекуваниот план насочен кон решавање на израелско-палестинскиот конфликт, во кој се предвидува Ерусалим да остане „неразделен главен град” на Израел.